Тренерот на Баерн не знае ништо, но тимот тајно планира прослава на титулата

Баерн Минхен од 15.30 часот гостува кај Лајпциг, и на Баварците им треба победа или реми за да ја обезбедат титулата во Бундеслигата.

Откако во минатата сезона Баер Леверкузен ги изненади и им го „украде“ трофејот на кој се навикнати, во Баерн им се вратија на титулите на домашна сцена. Најголемиот германски клуб уште попладнево може да ја прослави 34-тата бундеслигашка титула, која би била прва во кариерата за голгетерот Хари Кејн, а тренерот Венсан Компани вели дека „не знае ништо“.

„Јас лично не подготвувам прослава. Моја работа е да го подготвам тимот за денешниот натпревар“, изјави Компани.

Но, германските медиуми пишуваат дека „тајно“ во позадина, прославата е веќе договорена. Наводно, ако Баерн денеска стане шампион, утре со приватен авион тимот ќе одлета на шпанскиот остров Ибица и таму ќе го слават освојувањето на пехарот. Баварците на Ибица би останале два дена, а потоа би се вратиле дома за да се подготват за наредниот меч со Борусија Менхенгладбах в среда, кој ќе им биде последен на „Алијанц арена“ за оваа сезона.

Ако натпреварот против Лајпциг тргне наопаку, можно е патувањето на Ибица и мини-одморот на Компани сепак да бидат откажани.

- Оглас -

Најнови вести