Англискиот премиерлигаш Челзи уште еднаш потврди дека може да игра на највисоко ниво откако се пласираше во финалето на Светското клупско првенство. Лондонскиот тим кој триуфмираше во Конференциската лига на УЕФА, во борба за планетарниот трофеј ќе игра против актуелниот европски владетел Пари Сен Жермен.
Тренерот на Челзи, Енцо Мареска направи интересна споредба меѓу шахот и финалето кое го очекува утревечер во САД.
„Навистина го сакам шахот и гледам многу сличности помеѓу шахот и фудбалот. На тактичко ниво, не верувам во шаховските потези на теренот, но менаџерот мора да реагира кога противникот ќе ги направи. Секако, ќе биде тежок шаховски натпревар со Луис Енрике, но ќе се обидеме да уживаме“, рече Мареска.
Стратегот на Челзи не штедеше зборови за пофалба на ПСЖ.
„Секако, ПСЖ и тренерот Луис Енрике се референца не само за мене, туку и за сите што го сакаат фудбалот. Верувам дека имаат неверојатен тим и нивниот тренер, покрај Пеп Гвардиола, е најдобар во светот во моментов. Тие се тим со неверојатни играчи. Ќе биде тешко, но и голем предизвик за нашиот стил“, вели Мареска.