Барселона со победата над лутиот градски ривал, Еспањол, и тоа на негов терен, дојде до 28-мата титула во Ла Лига. Двете екипи се големи ривали не само на теренот, туку и надвор од него, пред сè идеолошки. Тренерот на Еспањол, Маноло Гонзалес, како да не можеше да се помири со фактот дека нивниот голем ривал ја освои титулата токму на нивниот стадион, па на прес-конференцијата вербално ги нападна противничките фудбалери, а тоа посебно се однесуваше на Ламине Јамал, кој со фантастичен гол го отвори резултатот.
Неговиот коментар се однесуваше на ситуацијата во 80-тата минута, кога Јамал беше удрен намерно и без топка, па Кабрера заслужено беше исклучен.
„Јамал е добар фудбалер, но не смее така да симулира. Му кажав во лице да престане да провоцира и да глуми. Тоа не беше остар старт, а тој падна и почна да глуми. Требаше да добие жолт картон, го удри Јамал, но сè потоа беше обичен театар. Да дувнеш во нив, тие почнуваат да паѓаат по теренот како покосени“, вели тренерот на Еспањол, Маноло Гонзалес.
Сепак, тренерот на Еспањол имаше пофални зборови за однесувањето на неговиот колега од спротивната страна, Ханси Флик, кој пред мечот им забрани на фудбалерите да слават, а потоа и ги повлече во соблекувалната.
„Тој е вистински господин. По мечот ги повлече своите фудбалери од теренот за да ги смири тензиите. Тоа беше одличен потег“, додава Гонзалес.