Тренерот на Еспањол, Маноло Гонзалес, на денешната прес-конференција пред градската пресметка со Барселона на некој начин ги оправда најавите за напади и навреди кон голманот на Барса, Жоан Гарсија, кој летоска направи „предавство“ и трансфер од едниот во другиот тим, а ја критикуваше и одлуката главен судија да биде Каталонец.
„Ова е посебен натпревар во однос на соперништвото. Победата утре би била огромен поттик за нашата самодоверба и моралот. Мислам дека е грешка што судијата е Каталонец, можеше да се избегне тоа. Се надевам дека притисокот под кој ќе биде овој млад човек утре нема да му донесе контраефект. Замислете ако Еспањол има корист, подобро е да ја напушти Каталонија“, рече Маноло.
Потоа имаше и порака до навивачите.
„Навивачите ќе бидат гласни, секако. Нема да дојдеме на натпреварот со букети рози. Исто како кога одиме на ‘Камп ноу’ и тие ни скандираат ‘Испаѓање’… не е ништо страшно. Тоа е дел од соперништвото. Навивачите треба да останат смирени. Замислете ако Барса постигне гол и тие слават на провокативен начин, тогаш никој не треба да влезе на терен. Сите чекаат Еспањол да згреши за да можат да го казнат. Не сакам лекции за однесување. Се сеќавате кога Луиш Фиго отиде на ‘Камп ноу’… Не мислам дека се во позиција да држат лекции некому. Навивачите на Еспањол ќе се однесуваат добро, а натпреварот ќе биде само фудбал, ништо повеќе“, вели тренерот на помалиот клуб од најголемиот каталонски град.

