Само пред три години некој да кажеше дека во 2019 Маурицио Сари ќе стане тренер на Јувентус, а Стефано Пиоли на Милан, веројатно ќе го направеа луд. Сари и Пиоли беа во клубовите на нивната љубов, се колнеа дека цел живот навиваат за Наполи, односно Интер, но сега тие ги водат смртните непријатели на тие клубови.
Сега имаме ситуација тренерот на Милан (Пиоли) да биде навивач на Интер, тренерот на Интер (Антонио Конте) да навива за Јувентус, тренерот на Јувентус (Сари) е од Неапол и се знае дека навива за Наполи, а кругот го затвора тренерот на Наполи (Карло Анчелоти), кој е легенда на Милан и тој клуб му е во крвта.
Лучијано Спалети и Валтер Мацари од деца навивале за Фиорентина, но не седеле на клупата на омилениот клуб.
Од ова друштво на италијански тренери малку отскокнува Анчелоти, кој играше во најславните денови на Милан и како тренер освојуваше трофеи со тој клуб. Но кога бил дете, негов идол бил славниот Сандро Мацола и еден роднина му подарил дрес на Интер со името на Мацола на грбот.