Гурбан Гурбанов одлично го познава македонскиот фудбал. Тој беше селектор на Азербејџан на пријателскиот меч со Македонија во Анталија во март 2018 година што заврши нерешено 1:1, а сега повторно ќе има противник од нашата земја.
Во малку поинаков меч, на клупската сцена во квалификациите за Лигата на шампионите, Гурбанов од клупата ќе го предводи шампионот на Азербејџан, Карабах, против Силекс.
Мечот се игра утре, во Баку, од 18 часот, а Гурбанов вели дека Силекс не смее да се потцени, иако Карабах е фаворит во нокаут-мечот за пласман во второто квалификациско коло.
„Силекс веќе игра натпревари во македонската лига, а за нас ова ќе биде прв официјален меч. Играчите ни се подготвени, но да бидам искрен, добредојден ќе ни беше некој меч за да бидеме во подобра форма. Не смееме да ги потцениме гостите бидејќи поправен испит нема“, изјави Гурбанов на прес-конференцијата попладнево.
Кратовци успешно минаа на тестирањето за корона-вирус и сите тестови се негативни и се оптимисти пред дуелот со екипата што испиша историја во Азербејџан во 2017 година, како прв тим што играл фаза по групи во ЛШ.