Фудбалерите на Црвена ѕвезда го победија полскиот Лех во Познањ со 3-1 во првиот натпревар од третото коло од квалификациите за Лигата на шампионите и ширум си ја отворија вратата од плејофот за влез во ЛШ, каде што треба да се сретнат со Пафос или Динамо Киев.
Српскиот шампион одигра одлично во вжештената атмосфера на стадионот „Енеа“, а клучен момент беше кога во 53-тата минута, по гледањето на ВАР, беше утврдено дека топката ја поминала гол-линијата по ударот на Круниќ и Ѕвезда поведе со 2-1. Од тој момент натаму, избраниците на тренерот Владан Милојевиќ доминираа на теренот.
Тренерот на Лех, Данецот Нилс Фредериксен, беше импресиониран од играта на Црвено-белиот тим.
„Да бидам целосно искрен, игравме против тим кој е на ниво над тимовите со кои вообичаено се среќаваме во полската лига. Имавме добар период во првото полувреме и тогаш одигравме најдобро што можеме, но кога играме против ваков противник, мора да го одржиме истото ниво како на крајот од првото полувреме. Не сакам да кажам дека игравме лошо, но противникот беше подобар“, рече Фредериксен.