Тренерот на Лил шокиран и лут најави: Во Лигата на шампиони ќе играме со втор состав

Пренатрупаниот распоред и жестокото темпо на одигрување мечеви е сè почеста тема во фудбалска Европа. Последен во низата кој жестоко реагира на пеколниот распоред е тренерот на Лил Бруно Женесио.

Овој француски тим во втората половина на октомври го чекаат три тешки гостувања. Од 18 до 26 октомври Лил прво ќе игра на гости кај Монако, па потоа ќе патува во Мадрид на мегдан против Атлетико во Лигата на шампионите и на крајот ќе гостува кај Ленс во домашното првенство. Тоа значи многу патување, многу малку време за одмор и дури три гостински тешки мечеви само во девет денови.

„Шокиран сум и тоа е благо кажано. Не сакам ниту да го кажам зборот затоа што сакам да останам љубезен. Тоа е неодговорно. Играме три тешки натпревари на гостински терен едно по друго. Против Монако, па во Лигата на шампионите против Атлетико Мадрид и на крајот против Ленс. Тоа е скандалозно. Кога се прави распоредот, треба да се размислува за играчите. Ако не се фудбалерите, нема да има ни судии, ни претседатели на лиги. Ќе одиме во Мадрид со резервен тим затоа што сакаме да ги штедиме силите пред дербито со Ленс. Знам дека ќе бидеме обвинети дека не играме со целиот потенцијал во Лигата на шампионите“, рече Женесио.

Лил е на деветото место во француското првенство само со седум освоени бода од пет натпревари. Пред трите тешки гостувања, во октовмри Лил ќе одигра и две средби на свој терен. Прво ќе игра и против Реал Мадрид во Лигата на шампионите на 2 октомври, а потоа и против Тулуз на 5 октомври.

- Оглас -

Најнови вести