Тотенхем е тим кој и во оваа сезона не игра како што очекуваат навивачите. Лондончани се дури на 14-тото место на табелата, а сега испаднаа и од ФА купот откако на свој терен со 1:2 загубија од Астон вила.
Во последните седум натпревари, Тотенхем има дури четири порази, две ремија и само една победа, па тренерот Томас Франк е под притисок дека може да добие отказ. Стратегот на Тотенхем причината за лошите резултати ги бара во згуснатиот распоред на екипата.
„Мислам дека водечките луѓе во англискиот фудбал треба да направат промени околу распоредот на мечевите. Прво одигравме пет меча во 13 дена, а потоа четири натпревари само во 10 дена. Мислам дека ниеден друг клуб не го имаше, а ние три пати бевме во таква ситуација сезонава. Се обидуваме да се носиме со тоа, правиме се што можеме, но распоредот е многу тежок“, рече Франк, кому според некои англиски медиуми, му се заканува и отказ од тимот на Тотенхем.

