Вардар со предност од еден гол го очекува реваншот против Лозана во Конференциската лига. Швајцарците велат дека не се изненадени од Црвено-црните, но веруваат дека може да дојдат (барем) до продолженија, а како најголема предност ја гледаат вештачката трева на која се игра вечерашниот натпревар.
„Офанзивниот стил на Вардар од првиот меч не беше изненадување. Ние не најдовме начин да се заканиме. Тие имаат водство од првиот натпревар, но мислам дека и вечерва нема да играат само дефанзива. На првиот натпревар Вардар го искористи домашниот терен, жештината и природната трева. Но, вечерва ние сме домаќини. Навикнати сме на вештачка трева, ќе имаме предност, а противникот ќе одржи само еден тренинг. Можеби ова е ситен детаљ, но на вакви натпревари тоа може многу да значи. Мислам дека сме на исто ниво со Вардар. Шансите се 50-50. Заедно со нашите навивачи мислам дека сме способни да го израмниме резултатот, а потоа ќе се обидеме да победиме и со два гола разлика за да ги избегнеме продолженијата. Сепак, нивото на двете екипи е такво што може да се очекуваат продолженија“, рече тренерот на Лозана, Петер Цајдлер.