МЗТ Скопје Аеродром го загуби и второто гостување кај Приморска, овојпат со 72-95, резултат многу сличен на оној вчерашниот, кога беше 71-93, па сега македонскиот вицепрвак е речиси пред невозможна мисија за освојување на титула во втората АБА-лига. Третиот меч се игра в четврток, во „Јане Сандански“, а ако победи МЗТ, ќе се игра во Скопје и во петок.
„Реприза од првиот меч. Одигравме коректно прво полувреме, но потоа две-три минути слаба одбрана и веднаш се најдовме во двоцифрена негатива. Кога и да се вратевме малку, пак имаше иста приказна. Приморска имаше висок процент на реализација. Едноставно, не можам да си ја препознаам екипата. Не можеме да се вадиме на притисок, имаме искусни играчи. Можеби е до заморот“, изјави Кочов.
Тренерот на Приморска, Јурица Големац, најави дека неговиот тим во Скопје ќе игра како да губи со 0-2 во победи.
Марко Симоновски најави дека „штрковите“ не се предаваат.
„Мислам дека ќе можеме двапати да победиме во Скопје и пак да се вратиме во Копер за мајсторка“, оптимист е Симоновски.