Арсенал го понижи ПСВ, и тоа во Ајндховен, со 7:1 во првиот меч од осминафиналето во Лигата на шампионите. Со оваа победа, англискиот тим направи реваншот во Лондон да биде формалност.
Тренерот на ПСВ, Петер Бос, вели дека има неколку клучни моменти зошто неговиот тим загубил дури со шест разлика.
„Ужасна вечер за нас. Клучни за ваквиот резултат се два момента. Првиот е кога ја погодивме гредата во 15-тата минута при резултат 0:0. Потоа беше и недоделувањето на втор жолт картон за Мајкл Луис-Скели од Арсенал кога направи опасен фаул“, вели Бос, кој потоа призна дека неговите фудбалери не можеле да им парираат на ривалите.
„Во однос на фудбалот, немавме шанси. Не бевме во најдобра форма. Арсенал одигра фантастично, немавме шанси вечерва. Лоша игра од наша страна, апсолутно. Тоа воопшто не беше наш фудбал, како што обично играме, а Арсенал се снајде навистина добро. Имавме план, ги анализиравме, мислевме дека може некаде да ги повредиме, но ако се браниме навистина лошо. Не можете да постигнете успех ако играте на овој начин. Не ни замислував дека некогаш ќе загубам со ваков резултат, па сите сме разочарани“, вели предводникот на ПСВ, Бос.