Тренерот на ПСЖ е шокиран од обвинувањата дека е расист

Тренерот на лидерот во Лига 1, ПСЖ, Кристоф Галтие, изјави дека е „длабоко шокиран“ од обвинувањата за дискриминација додека ја водеше екипата на Ница.

„Длабоко сум шокиран од зборовите кои ми се припишани и кои беа пренесени на неодговорен начин, а кои ме погодуваат како личност“, изјави Галтие на прес-конфренцијата пред дуелот со Ленс во Лига 1.

Радио Монте Карло и други француски медиуми ја објавија содржината на мејлот кој поранешниот спортски директор на Ница, Жулиен Фурние, на крајот од минатата сезона им го испратил на сопствениците на екипата, и во кој се наведува дека Галтие рекол дека во екипата има многу црнци и муслимани.

Галтие ја предводеше Ница од јуни 2021 до јули 2022 година, по што седна на клупата на ПСЖ.

Мејлот го откри и го објави независниот новинар Роман Молина, но новинаската агенција Франс прес, не можеше да ја потврди автентичноста на мејлот.

Обвинителството во Ница покрена истрага против Галтие кој ги негираше обвинувањата.

„Јас како дете сум одгледан да ги почитувам останатите без разлика на нивната раса, религија. Целиот живот се грижев за другите и не можам да прифатам моето име и моето семејство да се валкаат во медиумите“, рече Галтие.

- Оглас -

Најнови вести