Севилја даде одличен отпор, но на крајот сепак мораше да подаде рака на подобриот Баерн Минхен, во мечот од Суперкупот на Европа. Шпанскиот тим водеше со 1:0, потоа имаше одлични шанси во финишот на мечот и да победи, но по 90 минути беше 1:1, па во дополнителните 30 минути, Баерн го покажа својот победнички менталитет, постигна гол и стигна до трофејот.
Тренерот на Севилја, Хулен Лопетеги, вели дека е разочаран од поразот, но горд на своите играчи. Најголема мака за Лопетеги е тоа што Севилја следниот меч го игра в недела, во Примера лигата и нема доволно време за одмор.
„Дојдовме со намера да го срушиме Баерн Минхен и го натеравме да одигра на највисоко ниво. Одигравме добар меч и треба да сме горди. Сепак, нема многу време да жалиме затоа што мора да мислиме за следните дуели. Веќе во недела играме во првенството, наместо да добиеме ден плус и да играме во понеделник. Тоа го има само во шпанскиот фудбал“, се пожали Лопетеги, чиј клуб в недела ќе гостува кај Кадис, во првиот меч за нив во новата сезона.
По овој пораз од Баерн, Севилја постави антирекорд и стана првиот клуб кој дури петпати губел во Суперкупот на УЕФА. Досега Севилја го делеше овој неславен рекорд со Барселона, која четирипати губела во Суперкупот на УЕФА.