Ливерпул со 1-2 славеше над Тотенхем во меч од Премиер лигата, но остана без Александер Исак, кој при постигнувањето на голот за 0-1 заработи повреда откако имаше контакт со домашниот дефанзивец, Мики ван де Вен.
Тренерот на Ливерпул, Арне Слот, го обвини својот сонародник дека несмасно стартувал, а свој став има и предводникот на Тотенхем, Томас Франк, кој не се согласува со ова.
„Не се согласувам со тоа. Зборуваме за дефанзивец кој би направил сè за да спречи да примиме гол. Топката се излизга од страна и тој направи сè за да го блокира ударот. За жал, Исак лошо ја постави ногата. Знам дека двајцата фудбалери тоа го решија, тоа е добар знак“, рече Франк.
Многумина очекуваа дека холандскиот дефанзивец ќе биде исклучен, но од судиската комисија на Премиер лигата објаснија зошто Мики ван де Вен не заработи ниту жолт картон во оваа ситуација.
„Важно е да се погледне како Ван де Вен влезе во дуелот, како и начинот на кој Исак ја здоби повредата. Во моментот кога Исак упатува удар, Ван де Вен се лизга за да се обиде да го блокира шутот. Клучно е што се повреди ногата со која Исак шутираше откако ја постави на земја. Стапалото заврши меѓу нозете на Ван де Вен и токму така, се чини, настанала повредата на шведскиот напаѓач. Да влезеше Ван де Вен во стоечката нога на Исак или директно да стартуваше на противникот, дискусијата ќе беше поинаква. Но, Ван де Вен тргна да го блокира просторот пред Исак. Тоа беше коректен дуел и не треба да се смета за прекршок за црвен картон. Тоа, сепак, не значи дека дефанзивецот не може да биде исклучен ако при обидот да го спречи ударот силно го удри напаѓачот“, се вели во објаснувањето.

