Тренерот на „Волците“: Знаев дека судијата ќе реши да го признае голот на Сити

Екипата на Вулверхемптон сo гол во последните секунди загуби на домашен терен од Манчестер сити сo 2:1. Волците водеа со 1:0, но Јошко Гвардиол израмни на 1:1 во првото полувреме, а буквално во последните секунди од мечот, односно во 90+5 минута, Џон Стоунс со глава погоди за 2:1 и победа на Сити.

Погодокот на Сити беше прегледан и од ВАР-системот затоа што Бернардо Силва беше најблиску до голманот на домаќините и дилемата беше дали му попречувал во интервенцијата и дали треба да биде офсајд. По прегледување на повторената снимка, судијата реши дека погодокот е регуларен, а тренерот на Вулверхемптон Гари О’Нил, вели дека не очекувал дека може да биде донесена одлука на штета на Манчестер сити.

„Се обидов да останам смирен по вториот погодок на Сити. Откако сум тука, неколку пати се случуваат вакви работи, а најчесто одлуките одат против нас, па затоа и не сум изненаден. Ситуацијата беше во сива зона и бара толкување. Минатата сезона поради ваква ситуација ни беше поништен гол против Вест хем. Ете и сега Силва беше на помалку од еден метар од голманот, но сигурен сум дека ако се жалиме, ќе ни кажат дека сè било според правилата“, вели Гари О’Нил.

Вулверхемптон е на дното на табелата во Премиер лигата само со еден освоен бод во осум натпревари, додека Сити досега освои 20 бода и е на второто место веднаш зад лидерот Ливерпул, кој има 21 бод.

- Оглас -

Најнови вести