Тренерот на Црвена ѕвезда, Владан Милојевиќ, беше самокритичен по поразот од Пафос во првиот натпревар од плејофот за Лигата на шампионите, нагласувајќи дека е изненаден од начинот на којшто кипарскиот клуб се претстави пред белградската публика и дека неговите играчи мора да бидат поинакви во реваншот на Кипар.
Фудбалерите на Ѕвезда со наведнати глави го напуштија стадионот „Рајко Митиќ“ откако загубија со 1-2, па ако не победат на реваншот, ќе мора да се задоволат со играње во Лигата на Европа.
„Не мислам дека очекувавме ваков Пафос, тие се исклучително брз тим кој користи транзиции и игра доста атлетски. Изгубивме многу дуели. Ќе се одмориме и ќе ја анализираме ситуацијата. Притиснати сме до ѕид, мора да играме поинаку во реваншот, мора да покажеме карактер“, рече Милојевиќ по натпреварот.
Милојевиќ додаде дека Пафос ќе добие почит од нив и ништо повеќе, но призна дека направиле недозволиви грешки.
„Најмалку што сакавме беше да примиме ран гол. Не смеете да примите ваков гол, од првиот напад. Шок е, му давате крилја на противникот. Во Пафос играат брзо, физички се силни, играат многу дуели и фаули, бараат простор. Нивните напаѓачи брзо стигнуваат до голот. Имаме нови 90 минути, ќе се подготвиме, ќе играме, не треба да правиме трагедија“, додаде тренерот на Црвено-белите.