Мемфис гризлис го отпушти тренерот Тејлор Џенкинс по неколку неочекувани порази во НБА лигата.
Во своето соопштение, Мемфис не откри кој ќе го наследи Џенкинс, но познатиот инсајдер од НБА лигата, новинарот на „ЕСПН“, Шамс Чаранија, објави дека функцијата вршител на должноста главен тренер ќе ја преземе досегашниот помошен тренер Туомас Исало.
Финскиот стручњак стана помошен тренер на Мемфис минатото лето, откако претходната сезона со Париз ја освои титулата во Еврокупот, а сезона претходно со Бон ја освои ФИБА Лигата на шампионите.
„Искрено сум благодарен на Тејлор за неговиот придонес кон тимот и градот во изминатите шест сезони. Ова беше тешка одлука, имајќи предвид континуираниот и конкретен напредок на нашите играчи и вкупниот успех под негово водство. Му посакувам сè најдобро во иднина“, изјави генералниот менаџер на Мемфис, Зак Клајмен.
Џенкинс ја презеде екипата на Гризлис во јуни 2019 година и ја однесе трипати во плејофот на НБА лигата.
Најдобрата сезона на Мемфис под водство на Џенкинс беше 2021/22, кога го завршија регуларниот дел од сезоната на второто место на табелата во Западната конференција со скор 56-26 и стигнаа до полуфиналето на конференцијата, каде по шест натпревари загубија од Голден Стејт, кој подоцна ја освои титулата.
Мемфис загуби четири од последните пет натпревари и моментално е на четвртото место на табелата на Западната конференција со скор 44-29.