Милиони млади фудбалери имаат сон да стигнат на врвот и да бидат меѓу најдобрите, но малкумина успеваат во тоа. Секогаш е убаво да се следи својот сон и да се верува дека може да се оствари, но реалноста многупати знае да биде многу сурова.
Еден од оние кои почувствува како е да не се успее во фудбалот е Чендрим Камерај, кој е роден во Швајцарија, но има потекло од Косово. Тој настапуваше за сите млади селекции на Швајцарија, во 2019 година имаше и еден настап за У21 селекцијата на Косово, но пред повеќе од една година ја заврши кариерата, и тоа само на 25 години.
Камерај важеше за голем талент, па успеа да стигне и до младинската школа на Јувентус. Во славниот италијански клуб во тоа време тренираше заедно со многу големи ѕвезди, а имаше и среќа да тренира со Кристијано Роналдо. Одигра 18 меча за Јувентус У18 и постигна два гола. Имаше и еден настап во У23 тимот за Јувентус, но не успеа да се избори за место во првиот тим.
„Одлично си поминав во Јувентус. Знаев дека нема да биде лесно да се пробијам во првиот тим затоа што Јувентус е клуб кој ги носи најдобрите фудбалери од целиот свет. Конкуренцијата во тимот е огромна. Многу сум среќен што имав можност да тренирам со фудбалери како што се Роналдо, Дибала, Пјаниќ… Многу научив од нив“, се присети Камерај.
Сепак, овој талентиран фудбалер имаше чести повреди поради кои кариерата не му одеше во посакувана насока. По тешкиот период што го помина, тој замина да игра во швајцарскиот нисколигаш Зуг 94, а потоа ја заврши кариерата само на 26 години.
Денеска Камерај работи во градежништвото и нема допирна точка со фудбалот. Сепак, Камерај се присети на убавите денови, па на социјалните мрежи постираше една фотографија на која е заедно со Роналдо и друга на која е со заштитниот шлем на градилиштето каде што работи сега.