Англичанецот Трент Александер-Арнолд изненади со своето течно зборување на шпанскиот јазик на неговата презентација во Реал Мадрид.
Десниот бек кој го напушти Ливерпул по девет години откри дека почнал да го учи јазикот само пет месеци претходно. Во вторник Реал гостува кај Ливерпул, па Трент ќе се врати на „Енфилд“, каде што ја мина целата кариера до пред некој месец.
„Почнав да учам шпански со Сара пред пет месеци. Претходно не зборував шпански. Сакав да научам шпански за да можам подобро да комуницирам со моите соиграчи, со тренерот и со навивачите на Реал Мадрид и подобро да се прилагодам на културата. Навистина ми се допаднаа часовите бидејќи беа базирани на фудбал. Терминологијата што ја научивме се однесуваше на прес-конференции, интервјуа и вокабуларот што ми беше потребен за секојдневна комуникација со соиграчите во клубот. Ми помогна многу, многу и уживав во секој час“, изјави Трент.
Ако неговиот петмесечен временски период на учење се сфати буквално, тоа значи дека Александар-Арнолд започнал со часови на 30 мај, 14 дена пред неговото официјално претставување на „Бернабеу“ на 12 јуни. Информацијата фрла нова светлина врз теоријата на многу лути и изневерени навивачи на Ливерпул, кои веруваат дека тој се подготвувал за трансфер во Реал Мадрид со месеци пред крајот на сезоната во која Ливерпул ја освои титулата.
Интересно е што во јуни, кога новинарите го прашаа колку долго го учи јазикот, тој даде малку поинаков одговор. „Неколку месеци“, рече тој во тоа време, сугерирајќи дека почнал да учи некаде во март.
Неговата наставничка по шпански јазик се вика Сара Дуке, која им предавала и на други фудбалски ѕвезди, како што се Хулијан Алварезс и Ришарлисон (им помагаше да научат англиски). Таа го пофали својот ученик на социјалните мрежи.

„Пет месеци, но не беше лесно. Трент не научи само шпански. Тој одлучи да почне од нула, да звучи несовршено, да продолжува да зборува, ден по ден. Кога застана на таа сцена во Мадрид и зборуваше мирно, јасно и искрено, не стануваше збор за течност. Стануваше збор за почит, храброст и вистинска желба за припадност“, напиша Сара.
„Како негов учител по шпански јазик, тој момент ми значеше сè. Бидејќи она што го видов не беше само играч кој зборува друг јазик, туку личност која расте над себе. Во фудбалот, зборовите можат да изградат доверба, поврзаност, идентитет. И така навистина изгледа вистинскиот професионализам“, додаде убавата учителка.

 
                                    