Трета среќа во август за Медведев – Русија има нов ас со титула на Мастерс турнирите

Данил Медведев по трет пат го посака среќата во август на турнирите во Соединетите Американски Држави и Канада откако ноќеска славеше во финалето на турнирот во Синсинати, против Гофан со 2:0.

Со три аса по ред, рускиот тенисер на спектакуларен начин го заврши мечот, што му ја донесе првата титула на турнирите од Мастерс серијата 1000.

Во претходните два обиди месецов, 23-годишниот московјанец не успеваше да ја мине последната пречка, а на почетокот на август го загуби мечот за титула од Ник Кирјос и веднаш потоа не успеа да го надигра Рафаел Надал во финалето во Монтреал. Нанижа три финалиња по ред и конечно го крена и првиот пехар на турнирите од Мастерс серијата, кои се најценети во светот на тенисот, по гренд слемовите.

Во првиот сет Медведев поведе со 4:1, но Белгиецот успеа да израмни и да се избори во тај-брејк, што го доби рускиот тенисер со 7:3 во поени.

Еден брејк, и тоа на почетокот на вториот сет, му беше потребен на Медведев за да стигне до вредниот пехар, што засега го нема неговиот противник во финалето, Гофан.

Од денеска Медведев ќе биде петторангиран на АТП-листа, како прв руски тенисер во топ 5 по пауза од 9 години.

Кај дамите, пехарот го освои Медисон Кијз со победа од 7:5, 7:6 против највозрасната финалистка во историјата на турнирот во Синсинати, Светлана Кузнецова, која има 34 години.

- Оглас -

Најнови вести