Третото коло на Спортска прогноза во четвртата сезона на бесплатната игра во организација на Sport Life и Спорт Манија е со посебен шарм поради настапот на македонската репрезентација во квалификациите за Мундијалот во Катар.
По третпат ќе му гостуваме на Исланд во Рејкјавик и ја очекуваме првата победа по ремито 1:1 во 1996 година и поразот од 1:0 во 2008 година.
Мечот што ќе се игра на петти септември е еден од одбраните 13 за прогнозирање во третото коло на Спортска прогноза што е во тек, а можете да се вклучите до сабота, до 18 часот, кога ќе почне мечот меѓу Србија и Луксембург.
Сите 13 дуели од основната програма, плус двата резервни пара се од квалификациските натпревари за настап на Светското првенство, што идната година ќе го организира Катар.
Тоа е вистински предизвик за да му се приклучите на бројниот карван на прогнозери кои ја почнаа одлично новата сезона. За погодени 13 двојки, Sport Life во секое коло доделува прекрасна награда, „ајфон 12“, а веќе на стартот тројца прогнозери беа на прагот да се закитат со мобилниот телефон од новата генерација.
Погодија по 12 натпревари и недостасуваше само среќа за главната премија што се доделува секое коло. Досега во првите две кола се доделени рекордни 3 ваучери од по 1.000 денари и дури 24 по 500 денари од Sport Life, за стартни две рунди во сите четири сезони на Спортска прогноза.
За учество потребно е само да имате СЛ картичка од Sport Life; која исто така е бесплатна и може експресно да се добие на сите обложувачки места.