Ким Клајстерс денеска по третпат објави дека ја завршува тениската кариера, откако двапати правеше камбек, а последниот сосема неуспешен.
Белгијката има 38 години и сега вели дека нема враќање и дека нема да настапува повеќе на професионалните турнири.
„Одлучив повеќе да не играм на професионалните турнири. Им благодарам на сите што ме поддржуваа во кариерата“, објави Клајстерс на „Инстаграм“.
Ким остави значајна трага во светот на женскиот тенис, а си заминува со четири гренслем-титули.
Четирипати беше број 1 кај дамите на ВТА-листата, а вкупно победи на 41 турнир. Во 2017 година стана и членка на Куќата на славните во тениската игра.
Клајстерс за првпат се повлече од тенисот во 2007 година, кога имаше само 23 години, па се врати во 2009 година.
Потоа пак се повлече од тениските терени во 2012 година, а се врати во 2019 година и оттогаш одигра само пет меча и сите ги загуби, па сега објави дека дефинитивно се повлекува.