Тргна возот – И Валенсија ќе го користи правилото за итен трансфер, Санчес доаѓа на „Месталја“

Валенсија го бара Хави Санчес, одбранбен играч на Реал Мадрид, кој игра како позајмен фудбалер во Валјадолид, а популарните лилјаци ќе го користат правилото за итен трансфер надвор од преодниот рок.

Тоа им го овозможува актуелниот правилник на Ла Лига, а веќе го искористи Барселона со ангажманот на Мартин Брајтвајт од Леганес.

Кај Валенсија повреден е Езекил Гарај и тој ќе паузира долг период, а за да може клубот да ангажира замена надвор од преодниот рок паузата на повредениот фудбалер мора да е над пет месеци.

Санчес веќе прифатил да се пресели на „Месталја“, бидејќи сезонава не одигра ниту една минута за Валјадолид. Валенсија го цени многу 22-годишниот играч, но проблем се парите. Лилјаците имаат проблем со финансискиот фер-плеј и не можат да ја платат откупната клаузула за Санчес, како што тоа го стори Барселона во случајот со Брајтвајт.

Валенсија бара од Реал Мадрид Санчес да дојде на позајмица, а потоа и да го откупи неговиот договор, односно да има и таква клаузула во договорот со кралскиот клуб. Ако оваа варијанта не успее Валенсија најави дека ќе купи стопер од клуб од Втората шпанска лига.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести