Женската фудбалска репрезентација на Македонија ја забележа првата победа во циклусот квалификации за пласман на Светското првенство, откако во Битола славеше со убедливи 3-0 над Андора. Воедно, оваа победа за нашите фудбалерки е прва квалификациска по пауза од 21 месец, откако во јуни 2024 година славевме над Молдавија на гости со 2-4. Во меѓувреме победувавме само на пријателски натпревари, и тоа против Црна Гора и Молдавија.
Македонија беше далеку подобар противник од Андора, па победата и првите бодови во овие квалификации ги донеса Теона Галабовска, Симона Мејер и Меланија Грозданова.
Во нашата група на првото место е Унгарија со четири бода, Азербејџан и Македонија имаат по три, додека Андора е четврта со само еден бод.
Квалификациите продолжуваат во месец април, кога Македонија ќе одигра двомеч против Унгарија, најпрво на домашен терен во Битола, а потоа и на гости.

