Ненад Димитријевиќ, Андреј Магдевски и Андреј Андоновски се трите нови имиња во македонската кошаркарска репрезентација во однос на составот кој беше поразен пред три дена во Грузија.
Вечерва ќе ги нема Павел Данаиловски, Андреј Маслинко и Андреј Митревски. Данаиловски отпадна од тактички причини, со одлука на селекторот, додека Маслинко и Митревски имаат повреди, па нема да може да помогнат вечерва од 20 часот на важниот меч од квалификациите за СП 2023.
Маслинко има хематом на потколеницата, а Митревски кој е еден од најмладите во нашиот тим, имал болки и оток во пределот на стапалото предизвикани од силен удар кој го доби за време на дуелот во Тбилиси.
Убавите вести се дека Димитријевиќ ги надмина проблемите, одработи неколку тренинзи по доаѓањето во Скопје, и ќе го облече дресот со бројот 7. Нашата бековска позиција ќе биде засилена и со враќањето на Магдевски, кој исто така во изминатиот период се бореше со повреда.
Нова опција ќе имаме и на крилната позиција на која на местото на повредениот Маслинко, влегува Андреј Андоноски од МЗТ Уни банка. Младиот играч се враќа кај „жолто-црвените“ откако беше дел од тимот кој летоска обезбеди место во овие квалификации на турнирот во Скопје.