Три лица се уапсени, а четвртиот е во бегство поради нападот со нож врз таткото на европскиот шампион со Шпанија, Ламин Јамал, кој се случи во средата навечер, во Каталонија, пренесува „Франс прес“, повикувајќи се на извори од локалната полиција.
Според извор близок до семејството, животот на Насрауи, кој бил повеќепати избоден, е надвор од опасност, неговата состојба е стабилна, но тој останува под медицински надзор. Нема дополнителни информации за инцидентот, кој се случил доцна во ноќта на паркинг во градот Матаро, кој е на 30 километри од Барселона, во родниот кварт на Јамал – „Рокафонда”.
Ова го изјавил портпаролот на регионалната полиција „Мосос д’Ескуадра“.
Околу полноќ, два часа по инцидентот, три лица биле уапсени и се наоѓаат во полициската станица во Матаро, додека четвртиот учесник сѐ уште е во бегство и по него се трага. Според извештаите, и тие, исто како таткото на Јамал, се Мароканци или од соседни земји од Северна Африка.
Истражителите треба да ја испрашаат и жртвата „кога тоа ќе биде возможно“, како и сведоците.
Мунир Насрауи се наоѓа во универзитетската болница „Триас и Пујол“ во кампусот „Кан Рути“ во градот Бадалона, на 10 километри од Барселона.
Според весникот „Ла Вангуардија“, инцидентот се случил по расправија на улица, кога напаѓачите го нападнале таткото на познатиот син додека тој го шетал своето куче. Се претпоставува дека се работи за расчистување на сметки поради стара расправија.
Во меѓувреме, според непотврдени информации и снимки, самиот Јамал дошол во болницата кај својот татко и бил смирен во разговорите со полицијата. Суперѕвездата на Барселона е многу приврзан кон него бидејќи тој го одгледал по разводот со неговата мајка, која е од Екваторијална Гвинеја.
Кога Јамал имал само три години, останал да живее со својот татко во „Рокафонда“ во Матаро. Затоа, при секоја можност 17-годишниот шпански репрезентативец ја покажува својата благодарност кон овој скромен кварт, често правејќи знак со рацете кој го симболизира бројот 304 – поштенскиот код на „Рокафонда“.