Музафер Ејупи, напаѓачот на Славен Белупо и некогашен репрезентативец на Македонија, изненадно реши да стави крај на кариерата. Ејупи има само 31 година, но како што објасни самиот, поради животните околности веќе не може да продолжи да игра.
„Физички и психички сум уморен. Здравствениот проблем низ кој поминував и низ кој уште поминувам остави трага врз мене. Иако, фала му на Господ, сѐ е под контрола и стабилно, тоа не е доволно на тренинзите и мечевите да бидам на истото ниво на коешто бев. Шест месеци сум во Славен Белупо, навистина давам сѐ од себе до последен атом од силата, но едноставно веќе не можам. Здравјето е нешто што најмногу го ценам, па затоа во овој момент решив дека е време да му речам збогум на фудбалот“, изјави Ејупи за клупската страница на Славен Белупо.
Ејупи има проблеми со бубрезите, а пред три месеци беше и брутално претепан со метална прачка, и тоа поради банална расправија за паркинг-место. Некогашниот играч на Вардар, Металург, Шкендија и Турново вели дека здравствените проблеми му дошле во најлош можен момент.
„Никогаш досега не сум зборувал за тоа, но се согласувам дека сѐ дојде во најлош можен момент. Бев во топ-форма, го играв најдобриот фудбал, ми беше одлично во Осиек и верував дека сум на чекор од голем трансфер. За жал, потоа се случија проблемите со бубрезите и веќе ништо не беше исто. По враќањето на теренот, не можев да тренирам со ист интензитет. Некогаш не ми беше проблем да одиграм и два меча во еден ден, а сега секоја интензивна вежба ми е проблематична“, објаснува Ејупи, кој во кариерата има и два настапи за македонската репрезентација, додека петпати го носел дресот на младата селекција на Македонија.