Организаторот на играта на Реал Мадрид и na хрватската репрезентација, Лука Модриќ, е главен фаворит за добивање на наградата за најдобар фудбалер на светот за 2018 година, во изборот на ФИФА.
Церемонијата ќе се одржи вечерва во „Ројал фестивал хол“ во Лондон, а тоа што Кристијано Роналдо веројатно нема да присуствува (од Јувентус се заблагодарија на поканите за Роналдо, тренерот Алегри и претседателот Ањели, но најавија дека не можат да стигнат до Лондон), е сигурен сигнал дека тој не е добитникот на признанието. Третиот кандидат е Мохамед Салах, но шансите тој да биде победник, се никакви.
И Реал Мадрид, како и Јуве, има меч вo среда, но експедицијата на европскиот првак денеска во 13 часот ќе полета за Лондон. Минатиот месец, Модриќ стана европски играч на годината и во изборот на УЕФА, а налутениот Роналдо не се појави на церемонијата.
ОВА СЕ ТРИТЕ ПРИЧИНИ ЗОШТО МОДРИЌ ТРЕБА ДА БИДЕ ИГРАЧ НА ГОДИНАТА:
- Треба да се награди тој што е најдобар играч на Светското првенство
Мундијалот е најважниот фудбалски настан во светот, играчи како Пеле, Бекенбауер, Милер, Кројф, Марадона, Роси, Матеус, Ромарио, Зидан и Роналдо де Лима токму на таа голема сцена се прославија и до денес се зборува за подвизите. Порано речиси редовно наградата за играч на годината му се даваше на тој што бил најкорисен на СП. Затоа, Модриќ, кој летово беше МВП во Русија, заслужува да има најголем број гласови.
- Беше константно добар во Реал Мадрид
Покрај добрата игра на СП, кога Хрватска ја донесе до финалето, Модриќ имаше добра сезона и со Реал Мадрид. Играше на 14 од 15-те меча во Лигата на шампионите и беше „мозокот“ на тимот кој трета година по ред е европски првак. Неговите визија, техника и креативност во средниот ред, како и прецизните додавања, се клучни за играта на Реал.
- Потребно е ново лице, Роналдо и Меси станаа здодевни
Од 2009 наваму, наградата на ФИФА ја освојуваа само Кристијано Роналдо и Лионел Меси, како да нема други добри фудбалери во светот. Веќе станува здодевно, дебатата кој е подобар само се зголемуваше. Овојпат Меси не е во првите тројца. Португалецот ќе остане со пет награди на ФИФА, бидејќи капитените, селекторите и навивачите овојпат се решија за освежување и крунисување на нов крал на фудбалот, колку тоа и да не им допаѓа на фановите на Роналдо.