АЕК Ларнака ја оствари осмата победа во кипарскиот шампионат со убедливиот триумф над Докса од 5-0. Нашиот репрезентативец Иван Тричковски блесна на средбата со хет-трик и на тој начин влезе во историјата на клубот. Имено, Тричко е прв стрелец за АЕК во историјата на кипарскиот шампионат со вкупно 36 погодоци.
Крилниот офанзивец до оваа бројка стигна по 81 првенствен натпревар, додека го сруши рекордот на Џоан Томас, кој постигнал 35 погодоци на 158 настапи во кипарскиот шампионат.
Трите гола денес ги постигна во 22-рата, 39-тата и 77-та минута, а во тековната сезона сега брои пет погодоци. АЕК со оваа победа се искачи на четвртата позиција со 28 бода, а во следното коло ќе се сретне со петтопласираниот Анортозис.