Иван Тричковски со голови само си го потврдува статусот на фудбалска икона на АЕК Ларнака, клуб за кој денеска постигна нов гол и ја продолжи серијата од пет сезони во кои има двоцифрен број погодоци.
Во 19-тата минута на мечот меѓу Аек и Етникос Ахна, Тричковски го отвори резултатот со десеттиот гол сезонава. Неговиот репрезентативен колега Мартин Богатинов беше немоќен, а најдобриот стрелец во историјата на клубот од Ларнака си ја продолжи блескавата серија од 10+ голови во секоја од последните пет сезони.
АЕК победи со 3:1 во меч на кој беше исклучен Даниел Мојсов по два жолти картони што ги доби за краток период. Како резерва во игра во 75-тата минута влезе и Стефан Спировски, а АЕК со новата победа е петтопласиран во кипарското првенство со 41 бод и ќе игра во плејофот за титулата.
Етникос Ахна, клуб за кој брани Богатинов, а во нападот игра Јован Костовски, по поразот денеска остана на претпоследното место со 22 бода и ќе игра во плејаутот за опстанок.