Македонија ја оствари првата цел, го освои првото место во четвртата група во Дивизја Д во Лигата на нациите, а како дополнителен бонус во март 2020 година ќе го играме полуфиналето во еден меч на свој терен, а крајната цел и сонот се знаат, пласман на големо натпреварување.
Во игра е настап на Европското првенство во 2020 година, а дотаму нè водат уште два чекори, победа во полуфиналето и потоа и успешен настап во евентуалното финале во Сегментот Д.
„Нашата прва цел ја остваривме, први сме во групата и среќни сме што ќе го играме полуфиналето дома. Кој и да ни биде противник, дали Белорусија или Косово, ние ќе бидеме подготвени. Се надевам дека конечно ќе си го оствариме сонот и ќе бидеме учесници на големо натпреварување веќе на Европското првенство во 2020 година. Ме радува што се вклучуваат и нови играчи во репрезентацијата, против Гибралтар тука беше Крсте Велковски, помладите нè освежија, ни донесоа дополнителен квалитет и верувам во успех и остварување на конечната цел“, изјави Александар Трајковски.
Тој на мечот со Гибралтар ја презеде капитенската лента од Иван Тричковски, а од двајцата напаѓачи и заменици на стандардниот капитен Горан Пандев, Македонија допрва очекува многу. Во март 2020 година нè очекува полуфинален дуел во Лигата на нациите, каде што ќе ја имаме предноста да играме на домашен терен и шансата треба да се искористи.
„Го направивме тој прв чекор што го ветивме пред да почнат натпреварите во Лигата на нациите. Први сме во нашата група, сега треба малку и да уживаме во моментот, а потоа максимално подготвени да го чекаме полуфиналето. Имаме историска шанса да се пласираме на Европско првенство, можеби сега и никогаш повеќе. Голема предност ќе имаме што ќе играме дома, пред нашата публика и мислам дека е сеедно кој ќе ни биде противник. Ова е уникатен момент и верувам дека со поголема поддршка од публиката можеме да ја оствариме и крајната цел“, вели Иван Тричковски.