Дербито на кипарското фудбалско првенство помеѓу АЕК Ларнака и Омонија од Никозија заврши со 2-2, а главен лик во оваа претстава беше нашиот Иван Тричковски. Македонскиот репрезентативен крилен напаѓач ја носи капитенската лента на АЕК и изведе дури три пенали.
Најпрвин, во десеттата минута популарниот Тричко утна од белата точка, но половина час подоцна се поправи и погоди од 11 метри за 1-0. Омонија брзо изедначи на 1-1, а во 67-мата минута гостите и поведоа со 2-1. Кога се чинеше дека лидерот Омонија ќе оди на максимални 9 бода од три кола, судијата во 95-тата минута досуди и трет пенал за АЕК. Повторно Тричковски ја презеде одговорноста и мирно ја затресе мрежата носејќи му бод на својот тим.