Вечерашните натпрeвари кои се играа во рамкита на 12-тото коло од кошаркарската Евролига беа супер неизвесни и сите беа одлучени во финишот. На четирите меча, најубедливата победа беше изразена само со пет поени.
Највозбудливо беше во Виторија, каде што Басконија со 80:79 го совлада Фенербахче. Херој на шпанскиот тим беше Маркус Хауард, кој победничката тројка ја постигна на седум секунди до крајот. Турскиот тим имаше напад за победа, но Марко Гудуриќ не го погоди шутот за три поени. Токму херојот Хауард со 28 поени беше најпрецизен на мечот.
И Валенсија пред своите гледачи дојде до победа, и тоа од 85:81 над Црвена ѕвезда. Во последната минута од мечот се влезе со 81:81 благодарение на поените на Немања Недовиќ. Валенсија во следниот напад погоди преку Џаред Харпер, а победата ја завери со поените од линијата за слободни фрлања на Брендон Дејвис.
До победа пред своите гледачи дојде и Виртус Болоња од 80:75, и тоа против Барселона. Ова за Барселона беше трет пораз во 12-тиот меч, додека Виртус е веднаш зад каталонскиот тим со осум победи и четири порази.
Единствената победа на гостински терен ја оствари Макаби Тел Авив, кој со 94:91 славеше над Асвел.