Трката за титулата стана максимално неизвесна по шлаканицата што ја доби Вардар од Алкалоид

Ракометарите на Алкалоид ја вратија неизвесноста во битката за титулата во Суперлигата откако вечерва го совладаа лидерот Вардар со 22:21.

Црвено-црните минатиот викенд го совладаа најголемиот конкурент за титулата, Еурофарм Пелистер со седум гола разлика (31:24) и направија голем исчекор кон одбрана на титулата, но така не мислеа ракометарите на Алкаоид и нивниот тренер Кирил Лазаров, кои денеска во салата во Автокоманда, го совладаа фаворизираниот Вардар.

Избраниците на Лазаров одиграа фантастиче натпревар, играа одлично во нападот со луцидни решенија, одбраната предводена од голманот Благојче Трајковски исто така беше на високо ниво, а посебно беа добри во првото полувреме, кога уште на стартот поведоа со три гола предност (5:2). Во финишот од првиот дел, во 25-та минута имаат и шест гола предност (13:7). Но, потоа следеше пад во играта кој го искористија Црвено-црните и со мини серија од три гола по ред, на одмор заминаа со негатива од 13:10.

Вардарци се вратија во игра на стартот од вториот дел и во 40-та минута дојдоа до израмнување 15:15.

Тоа го натера Лазаров да побара тајм-аут по кој неговите ракометари возвратија со серија од 3:0, но шампионот не се предаде, благодарение на Мартин Томовски кој имаше неколку одбрани, прво успеа да намали на 20:19, а потоа со головите на Манаскови Георгиевски, на четири минути до крајот да поведе до 20:21, што беше прво водство за Вардар.

Алкалоид имаше решение и за тоа, Ѓоргиев успеа да погоди за 21:21, а потоа Трајковски успеа да го одбрани ударот на Талески. Голот вреден победа и враќање на максималната неизвеност во трката за титулата, го постигна Мартин Серафимов од седум метри. Во последната минута, Трајковски кој беше најзаслужен за победата, повторно одбрани удар на Талески, што значеше триумф на Алкалоид.

Серафимов со седум гола беше најпрецизен кај Алкалоид, а по три дадоа Михајло Младеновиќ, Божидар Илиески и Дарио Кофиловски. Домашниот голман Благојче Трајковски одбрани 14 топки,
Дејан Манасков беше најпрецизен кај Вардар со седум постигнати голови, додека четири даде Филип Талески.

Вардар остана лидер на табелата со 21 бод, додека по 18 имаат Алкалоид и Еурофарм Пелистер кој својот натпревар од ова коло ќе го игра утре против Тиквеш.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести