Двејн Вејд ја заврши кариерата со трипл-дабл учинок во поразот на Мајами хит на гостувањето кај Бруклин нетс со 113:94. Популарниот Флеш се прости од кошарката на спектакуларен начин, во неговиот последен танц заврши со 25 поени, 10 асистенции и 11 скока, обидувајќи се да го направи невозможното, да го однесе Мајами во разигрувањата.
Сепак, „жешките“ потфрлија во тој обид, сезоната ја завршуваат со деветти најдобар пласман во Источната конференција, во 82 натпревари забележаа учинок од 39 победи и 43 порази.
Тимот на Бруклин го предводеше Расел со 21 поен и седум скока, а Напиер додаде 20. Покрај Вејд, за Мајами расположен беше и Робинсон со 15 поени.
Поразот на Мајами го искористи Детроит, а Пистонс на гостувањето кај Њујорк никс славеа со 89:115 и го осигурија последното место од Истокот кое води во разигрувањата. Костурот за плејофот e комплетиран. Детроит во првата рунда ќе биде противник на најефикасниот тим од регуларниот дел, Милвоки бакс.
За потребниот триумф најмногу придонесе Кенард со 27 поени, Џексон додаде 21 поен, додека Драмонд оствари дабл-дабл од 20 поени и 18 скока. Џенкинс беше најсветла точка од редовите на Њујорк со 16 поени.
Резултати НБА:
Атланта хокс – Индијана пејсерс 134:135
Бруклин нетс – Мајами хит 113:94
Шарлот хорнетс – Орландо меџик 114:122
Мемфис гризлис – Голден стејт вориорс 132:117
Милвоки бакс – Оклахома сити тандер 116:127
Њујорк никс – Детроит пистонс 89:115
Филаделфија севентисиксерс – Чикаго булс 125:109
Сан Антонио спарс – Далас маверикс 105:94
Денвер нагетс – Минесота тимбервулвс 99:95
ЛА клиперс – Јута џез 143:137
Портланд трејлблејзерс – Сакраменто кингс 136:131