Тројца Македонци се најдоа на листата на најдобри странци во историјата на хрватската лига

По повод 30-годишнината од постоењето на хрватската фудбалска лига, порталот „Индекс“ направи листа од 20 најдобри странски фудбалери кои играле во нивното првенство, а на таа листа се и тројца македонски интернационалци.

Македонија е трета земја според БиХ и Бразил, според бројот на странски фудбалери кои играле во Хрватска. Од 1992 наваму, во хрватските прволигаши играле 55 македонски интернационалци.

Еден од тие 55 македонски играчи е и Аријан Адеми, актуелниот капитен на Динамо Загреб. Адеми е роден во Шибеник во Хрватска, но игра за репрезентацијата на Македонија и затоа го водат како странец, и тоа еден од најдобрите 20 во историјата. Адеми има 10 титули, има 250 настапи и заслужува да биде на листата.

Меѓу најдобрите странци, се сместени и Илија Несторовски кој во моментов е член на Удинезе, и Гоце Седлоски кој работи како тренер во Шкупи.

Несторовски во првата лига на Хрватска играше само една сезона, во дресот на Интер Запрешиќ, но остави силен печат, бидејќи во таа сезона со 25 погодоци беше прв стрелец во лигата, и си направи трансфер во италијанската Серија А.

Седлоски во 1996 дојде во Хајдук, имаше одлични партии и од Сплит се пресели во Шефилд венсдеј. Но, само половина година подоцна, ги шокираше Далматинците со потписот за Динамо Загреб, кој во тоа време се викаше Кроација. Во Динамо остана седум сезони, а во 2003/2004 даде дури 11 гола, што е одлично за еден централен дефанзивец.

Адеми, Несторовски и Седлоски се најдоа во друштво на топ странци меѓу кои се и Дани Олмо, Марк Видука, Сенијад Ибричиќ, Марио Гаврановиќ, Леандро Куфре, Јосип Скоко, итн. Според гласовите, од нашите најдобро стои Адеми, што е очекувано, бидејќи тој уште игра во Хрватска и за него гласаат многу фанови на Динамо.

- Оглас -

Најнови вести