Најтрофејниот македонски клуб Вардар ги прави последните подготовки за вториот дел од сезоната во Првата лига. Црвено-црните ќе ја бранат минималната предност од еден бод во однос на Струга Трим Лум и шесте бода позитива во однос на актуелниот првак Шкендија.
Замина најдобриот стрелец Роџерс Мато, но се приклучија и неколку засилуања, интернационалци од Аргентина и од Србија, како и репрезентативците Дарко Велковски и Бобан Николов, па тренерот Гоце Седлоски повторно има на располагање квалитетен ростер.
Сепак, вардарци нема да бидат комплетни. Тројца фудбалери мораат да заминат на операција за да ги санираат повредите.
Левиот бек Михаил Маневски ќе ги оперира слабините и ќе отсуствува околу еден месец, а хирушки зафати ги очекуваат и Муса и Сенгор.
Вардар утре ќе го има и последниот тест пред почетокот на пролетта. Во Кочани ќе одигра пријателски натпревар против Осогово, кој ќе има и хуманитарен карактер.

