Анџело Ѓоргиевски (28 години), Клементина Левковска (19) и Андреј Костовски (22) беа прогласени за виновни за убиство на хрватскиот ракометар Денис Тот, кој играше во екипата на Бутел Скопје. Ова денеска го одлучи Судскиот совет на чело со судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ.
Тројцата одговараат за кривичното дело „убиство“ од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик, за кое се предвидени најмалку пет, а најмногу 20 години. Судот одлучи Ѓорѓиевски и Левковска да добијат по 18 години затворска казна, додека за Костовски затворската казна е од 16 години.
Убиството се случи на 7 април пред влезот на една дискотека во Градскиот парк Скопје. Судот исто така им наложи на осудените на родителите на Тот да им платат износ од по девет милиони денари, а на братот износ од осум милиони денари во рок од шест месеци по пресудата. Обвинетите имаат право на жалба на Апелацискиот суд.