Дарко Стојанов е еден од најдобрите дефанзивци во македонскиот фудбал, а во моментов настапува за Вардар.
Иако е дел од второлигашкото друштво, искусниот стопер се одлучи да биде дел од најтрофејниот македонски фудбалски колектив и покрај тоа што не е дел од елитата.
„Носењето на дресот на ФК Вардар, најтрофејниот клуб во Македонија, си има своја тежина и големина, а јас ја имам честа по вторпат во својата кариера да го носам.
Тоа е посебна привилегија за мене што повторно сум дел од Вардар, а за младите играчи сигурно е голема инспирација и исто треба да се среќни што се дел од таков голем клуб“, започнува Стојанов и додава.
„Фудбалот е колективен спорт и измените се составен дел од него, па затоа не може да се каже дека некој е незаменлив. Во досегашниот дел од првенството јас сум задоволен од настапите, иако секогаш може и мора подобро. Очекувањата и целите на Вардар секогаш се големи и на крајот од сезоната сакаме да бидеме на едно од местата кои водат во првата лига и од наредната сезона клубот да биде таму каде што заслужува да биде“.
КАПА ДОЛУ ЗА РЕПРЕЗЕНТАТИВЦИТЕ
Македонската фудбалска репрезентација беше светски хит во баражот за СП во Катар, каде што успеавме да ја победиме Италија, но, за жал, загубивме од Португалија во Порто. Но, јасно е дека не смееме да бидеме незадоволни од прикажаното на момците на Благоја Милевски.
„За настапите на нашата репрезентација против такви големи селекции можам да кажам само капа долу за сите од прв до последен. Покажаа како се бори за националниот дрес и беа многу блиску до големото Светско првенство. Јас се надевам дека во блиска иднина ќе биде дел од такво натпреварување бидејќи оваа генерација го заслужува тоа“, истакнува дефанзивецот на Вардар.
МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД И НЕМАЊА ВИДИЌ МУ СЕ ОМИЛЕНИ
Со оглед на тоа дека игра во дефанзивата, јасно е дека Стојанов за омилен фудбалер ќе има играч од неговата позиција.
Немања Видиќ, кој своевремено доминираше во дресот на Манчестер јунајтед, а воедно и токму овој тим му се омилени на Стојанов.
„Клуб за којшто навивам од мали нозе е Манчестер јунајтед, а Немања Видиќ своевремено ми беше омилен фудбалер. Него го красеа борбеноста и пожртвуваноста на секој натпревар, па затоа и најмногу од сите ме восхитуваше“.
АКТИВНО ГИ СЛЕДИ ПРВЕНСТВАТА, НО СПОРТСКА НЕ ИГРА
„Ги следам сите првенства и лиги и сум страстен обожувач на фудбалот, ама морам да признаам дека обложувањето не е за мене.
Навистина не можам да се сетам кога последен пат сум одиграл тикет кога сум бил сам, па и со пријателите. Но, бидејќи се работи за хуманитарни цели, вреди да направам исклучок“, завршува Стојанов.