Црвена ѕвезда повторно е дел од фудбалска елита и дел од Лигата на шампионите. По пауза од речиси три децении, белградскиот тим играше во групната фаза од елитното натпреварување на УЕФА. На преполниот стадион „Рајко Митиќ“ домаќините успеаа да извлечат реми против фаворизираниот Наполи.
Со овој резултат, играчите на оваа генерација на Ѕвезда само покажаа дека секогаш е тешко да се победи во Белград. Пред средбата со Наполи, на теренот се појави и „златната“ генерација на Ѕвезда, која во 1991 година триумфираше во тогашниот Куп на шампионите, а на популарната „мала Маракана“ беше донесен најзначајниот клупски трофеј во Европа.
Во тој шампионски тим на Ѕвезда имаше и двајца Македонци. Илија Најдоски беше столбот во одбраната, а Дарко Панчев е играчот кој го даде решавачкиот пенал во финалето против Олимпик Марсеј во Бари. Во таа генерација беа и прославените Дејан Савичевиќ, Роберт Просинечки, Синиша Михајловиќ, Драгиша Биниќ, Рефик Шабанаџовиќ, Миодраг Белодедиќ…
На синоќешната церемонија и потсетување на трофејот од 1991 година, на стадионот во Белград се појави Најдоски, но не присуствуваше Дарко Панчев. Легендите на Ѕвезда добија овации и аплаузи, бидејќи тоа што го направија пред 27 години, засекогаш ќе се памти.