Жељко Бувач беше десна рака на Јирген Клоп од 2001 до 2018 година, работеа заедно во Мајнц, Борусија Дортмунд и Ливерпул, но пред полуфиналето на Лигата на шампионите во 2018 година, „пукна тиквата“ помеѓу нив, беше отстранет од стручниот штаб на Црвените и сега босанскиот Србин нема добро мислење за германскиот стручњак, дури не му ја ни честитал титулата во Премиер лигата.
Бувач годинава стана спортски директор на Динамо Москва и не планира да работи како тренер, освен ако не добие некоја понуда која не се одбива.
„Ако ме викне Барселона ќе размислам, инаку не сакам да бидам тренер. Сум добивал многу примамливи понуди, но ги одбивав. Со Клоп во тие 17 сезони, јас се чувствував како тренер и менаџер. Ги работев сите тренерски работи, само што не давав интервјуа. Ги имав сите функции, им помагав на тимовите, но не ми требаше толку големо внимание“, вели Бувач.
Во минатата сезона Ливерпул стана англиски првак по пауза од 30 години, но Бувач не му честитал на својот некогаш најдобар пријател.
„Не му честитав. Бев среќен за Ливерпул, за нивните играчи и навивачи. Но, не му честитав“, искрен е Бувач.