Само со три освоени бода по првите три меча во групната фаза од Лигата на шампионите, актуелниот европски вицепрвак Пари Сен Жермен се соочува со рана елиминација. Францускиот шампион е под притисок дека утревечер мора да ги освои трите бода на свој терен во дуелот против Лајпциг.
Германскиот Бундеслигаш славеше со 2:1 против ПСЖ и сега доколку успее да остане непоразен, ќе направи голем чекор кон пласман во нокаут-фазата, а Светците ќе бидат сè поблиску до елиминација од елитното натпреварување.
Тренерот на ПСЖ, Томас Тухел, знае кој е клучен момент за неговиот состав.
„Целиот тим страда кога Нејмар и Мбапе нема да постигнат гол. Нивното влијание во нашата игра е огромно. Тие ни се клучни играчи и се надевам дека утре ќе даваат голови“, рече Тухел на денешната прес-конференција во пресрет на дуелот од Лигата на шампионите.
ПСЖ има проблеми околу составот бидејќи сигурно ќе недостасуваат дефанзивците Бернат и Керер, потоа Верати и Дракслер во средниот ред, како и напаѓачот Икарди. Суспендиран е Кимпембе.
Пред две недели Лајпциг го победи ПСЖ со 2:1, а овие две екипи играа и во август во полуфиналето од Лигата на шампионите, кога францускиот тим победи убедливо со 3:0.