Хрватскиот ракометар Лука Циндриќ, кој од 2014 до 2018 година играше за македонски клубови, а со Вардар стана и европски првак, се приклучи во акцијата за помош на загрозените во земјотресот во неговата земја. Ракометарот кој во вторникот со Барселона го загуби финалето на Лигата на шампионите ја понуди својата куќа во родниот Огулин за сместување на семејство кое останало без дом во земјотресот.
„На семејство кое остана без дом по земјотресот, бесплатно им ја нудам мојата куќа во Огулин“, напиша Циндриќ и остави телефонски број за контакт.
Многу хрватски спортисти се понудија на еден или друг начин да помогнат. Интересен е случајот со кошаркарот на Цибона, Филип Бундовиќ, кој заедно со колегата Дамир Маркота помагаа во Петриња до 6 часот наутро, а потоа спиел четири часа и замина во Риека, каде што играше против Шкрљево и беше најдобар поединец со 20 поени.