Циципас: Федерер, Надал и Ѓоковиќ сега се подобри отколку пред 7-8 години

Еден од најдобрите млади тенисери на светот, Гркот Стефанос Циципас, изјави дека големото трио Роџер Федерер, Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ се тешко достижни бидејќи иако сите имаат над 30 години, сега играат подобро отколку кога биле по 5-8 години помлади. Циципас со Доминик Тим и Александер Зверев треба да бидат наследници на тронот во машкиот тенис, но засега не им оди.

„Големото трио се феноменални, многу се посветени на тоа што го прават. Тешко е да ги победите. Нема да лажам, многу е тешко да ги совладате, тие играат на исто ниво, можеби и уште подобро во споредба со периодот од пред пет, шест, седум или осум години. Постојано напредуваат, постојано учат, многу се поискусни од нас. Можеби само физички не се на исто ниво како некогаш, но новата генерација уште е млада за тениски стандарди“, вели Циципас, кој има едно полуфинале на гренд-слем и тоа му е најголем успех, заедно со победата на завршниот АТП Мастерс.

Федерер, Надал и Ѓоковиќ се борат за првото место на вечната листа на освојувачи на гренд-слеми. Засега Швајцарецот е прв со 20, можеби и ќе остане на толку, Надал е веднаш зад него со 19, а Ѓоковиќ има 17, но тој е најмлад и во најдобра форма, особено на тврда подлога, на која се играат по два гренд-слема годишно, па трката ќе биде суперинтересна.

- Оглас -

Најнови вести