Ѓоковиќ си дремна два сета, па се разбуди таман за големо финале против Надал (Видео)

Новак Ѓоковиќ си дремна два сета, пропушти и една меч топка за победа од 3:0 против Стефанос Циципас, па неочекувано во возбудливо полуфинале во пет сета, сепак победи со 3:2 и ќе игра за титулата на Ролан Гарос против Рафаел Надал.

Српскиот тенисер имаше се во свои раце по убедливата предност од 6:2, 6:3 и сервираше за меч при резултат од 5:4 во третиот сет. Промаши и меч топка и потоа се случи чудесен пресврт на земјениот терен во Париз.

Циципас се разигра и најави сензационален пресврт, откако ги доби третиот и четвртиот сет со 7:5 и 6:4. Сепак Ѓоковиќ навреме се разбуди и на убедлив начин го доби решавачкиот сет со 6:1 за пласман во финалето и нов меч против големиот ривал Рафаел Надал.

 

 

До петтото финале популарниот Џокер стаса со триумф од 6:2, 6:3, 5:7, 4:6, 6:1 и ќе го предизвика неприкосновениот шампион во Париз, Рафаел Надал.

Шпанецот има неверојатни 12 пехари на земјените терени крај булоњската шума и е апсолутен рекордер на Ролан Гарос. Тој во првото полуфинале денеска славеше со 6:3, 6:3, 7:6 против Диего Шварцман и во недела ќе игра за 13-та титула во исто толку финалиња.

Ѓоковиќ по петти пат ќе игра за француската тениска круна, а досега има една титула и три порази во три финалиња против Надал.

- Оглас -

Најнови вести