Црна Гора е 12-тата репрезентација која ќе ја претставува Европа на Светското првенство во кошарка за мажи, кое ќе се одржи кон крајот на летово во Кина.
Црногорците вечерва во „Морача“, во Подгорица, загубија од Летонија со 74-80, но на домашните им одговараше и пораз до осум поени разлика за да се пласираат на Мундобаскетот. Летонците на една минута до крајот ги имаа потребните плус девет разлика, но кошот на Тодоровиќ, фаулот во напад врз Дубљевиќ и тројката на Алекса Поповиќ беа клучните моменти за 71-75 и огромна радост на преполните трибини.
Бертанс со три слободни ја врати неизвесноста, а натурализираниот Нидам погоди едно слободно за 78-72 на 16 секунди до крајот. Гостите имаа напад во кој ако дадеа тројка, ќе се најдеа на СП. Тие се задоволија со два поени и брз фаул над Нидам. Овојпат Американецот со црногорски пасош ги погоди двата пенали за конечни 74-80 (во последната секунда Бертанс шутна тројка, но не погоди), најсладок пораз во историјата на кошаркарска Црна Гора.
Црна Гора првпат ќе игра на едно СП во кошарка. Од европските селекции, на СП се пласираа Шпанија, Турција, Црна Гора, Литванија, Италија, Полска, Франција, Русија, Чешка, Грција, Германија и Србија.