Иако е меч од третата група по ранг во Лигата на нациите, дуелот меѓу Црна Гора и Србија е дерби на колото. По првите две кола, овие селекции имаат по четири бода и многу очигледно дека ќе бидат главни претенденти за првата позиција, која носи можност за пласман на Европското првенство во 2020 година.
Дуелот меѓу соседите се игра утревечер, во Подгорица, а најверните навивачи на Црна Гора, популарната група „Ултра“, издаде соопштение во кое ги повикува сите да дадат поддршка за домашната селекција.
„Сестри и браќа Црногорки и Црногорци. Уште еден празник на фудбалот е пред нас. Ова е еден од низата мечеви кога играме на домашен терен. На секој кој ќе дојде на Север, во главата треба да му биде само Црна Гора, една и вечна. Сè останато, а посебно противникот, не треба да нѐ интересира. Да ја оставиме политиката и сличните глупости. Дојдете да славиме и да пееме, да ги загрееме дланките, да ја славиме нашата татковина и како многупати досега – на уште еден противник да му ги скршиме забите. Веруваме во вас Витези! Срцето на терен и главата горе“, стои во дел од соопштението на навивачката група „Ултра“ од Црна Гора.
Србија на овој меч ќе биде без Александар Коларов и Немања Матиќ.