Црно-белата боја е во мода во фудбалска Турција, а Бешикташ во голем стил ја освои двојната круна. По драматичниот финиш во саботата, кога со победа од 2:1 против Ѓозтепе ја освоија шампионската круна во првенството, играчите на гигантот од Истанбул вечерва ја победија Анталијаспор во финалето на купот и ги освоија двата вредни трофеи во турскиот фудбал.
На неутрален терен во Измир, Бешикташ поведе рано, веќе во третата минута со голот на Бразилецот Џозеф, а само по половина час беа разрешени сите дилеми која екипа ќе го освои пехарот во турскито куп.
Во 30-тата минута Валентин Розие погоди за 2:0, што беше и конечен резултат. Розие игра за Бешикташ како позајмен фудбалер од Спортинг Лисабон и му беше соиграч на Стефан Ристовски.
Бешикташ сега има 10 пехари во Купот на Турција и е втората најтрофејна екипа зад рекордерот Галатасарај со 18 титули.