Ракометарките на Црна Гора ја совладаа Романија со 35:34 и се најдоа на чекор од пласман во полуфиналето на Европското првенство.
Црногорките на мечот од второто коло во главната фаза во групата 1, која се игра во Скопје, до победата дојдоа носени од навивачите кои во голем број беа присутни во СЦ Борис Трајковски и сега им е потребно Германија да не ја победи Франција во мечот што ќе се игра од 20.30 часот.
Натпреварот помина во израмнета игра и менување на водството на двете селекции. На стартот од мечот, Црногорките беа подобри и поведоа со 2:5, но во деветтата минута по голот на Пинтеа, Романија измрани на 6:6. И во наредните 10 минути Црногорките имаа предност, но во финишот од првиот дел, Романија успеа да се врати резултатски и на одмор се замина без предност (18:18).
Воведните минути од вториот дел им припаднаа на Романките, кои поведоа со 21:19, а Црногорките го бркаа резултатот. Но, во 41-вата минута со голот на Раичевиќ поведоа со 23:22, а во наредните 15-тина минути двете селекции се менуваа во водство.
Со голот на Јауковиќ во 56-тата минута, Црна Гора поведе со 33:30. Романките не се предадоа и во 58-мата минута со два гола по ред намалија на 33:32. Грбиќ ја врати предноста на плус два, но Бадеа експресно возврати и во последната минута Црна Гора влезе со напад и еден гол предност.
Грбиќ успеа да изнуди седмерец, кој го реализира Јованка Радичевиќ, со што ја завери победата на Црна Гора. Грбиќ и Радичевиќ со по осум постигнати гола беа најдобри во редовите на Црна Гора, додека кај Романките најрасположена за игра беше Кристина Неагу со девет постигнати гола.
Доколку Франција не загуби од Германија во вечерашниот меч, Црна Гора ќе игра во полуфиналето, а ако се случи чудо, тогаш избраничките на селекторката Поповиќ со утрешен триумф над Холандија на последото коло сами ќе си го визираат пласманот меѓу четирите најдобри на ЕП.